Куманово и ТФТ испратија апликација за учество во ФИБА Еврокупот

Македонските екипи по неколкугодишна пауза повторно покажуваат интерес за учество во европските натпреварувања, откако ТФТ и Куманово и официјално аплицираа за учество во ФИБА Еврокупот за наредната сезона.

Овие два тима лани ја претставуваа Македонија во БИБЛ, но овојпат се решија да отидат чекор понапред и да учествуваат во Еврокупот на ФИБА.

„Официјално испративме пријава со која го запазивме рокот за регистрација во ФИБА Еврокупот во домашната федерација. Со ова почнуваат да течат седумте дена (до 16 јули) во кои треба да биде потврдена нашата регистрација и уплатата на депозитот за натпреварување во висина од 10 илјади евра. Како раководство правиме сè што е во наша можност да го испочитуваме тоа и официјално да бидеме учесник во годинашното натпреварување на ФИБА Еврокупот. Конечната одлука во врска со ова се очекува да биде донесена во текот на идната недела“ – изјави првиот човек на ТФТ, Боро Смилковски.

Клубот од Тафталиџе е втор македонски прволигаш кој изрази желба да учествува во ФИБА Еврокупот. Во исто време тоа го направи и раководството на Куманово. Станува збор за екипа која веќе има искуство во ова натпреварување во кое настапуваше во сезоната сезоната 2015/16.

„Одлучивме да направиме еден чекор напред. По пријавата за настап во Балканската лига, ќе пробаме да одиме напред и во европски рамки. Се пријавивме, со надеж дека новиот наш тим за наредната сезона, ќе се стекне со уште поголемо искуство со играње на натпревари надвор од нашата земја“– потврдува тимскиот менаџер на кумановските „сино-бели“, Александар Крстевски.

Се вчитува...