Куманово на дното, ТФТ со нова победа

Слободниот пад на тимот на Куманово во првата кошаркарска лига продолжи и на денешниот натпревар против ТФТ, што кумановци го загубија на домашен терен со убедливи 71-82. Ова беше четврти пораз во низа за тимот на тренерот Мирковски, вкупно деветти во единаесет одиграни натпревари, со што кумановци се рамо до рамо со Струмица на дното на прволигашката табела. Од друга страна, за ТФТ ова беше петта победа во последните шест меча, со што актуелниот освојувач на Купот на Македонија се искачи на делба на четвртото место заедно со Работнички.

Како пресудна се покажа одличната прва четвртина во која ТФТ го наполни кошот на домаќините, поведувајќи со убедливи 16-29. Кумановци заиграа нешто подобро во одбраната, но немаа сили за камбек, на полувреме заминаа со резултат 39-49, а во третиот период не успеаја посериозно да се приближат. Во четвртата четвртина Куманово само за момент стигна до седум поени разлика (63-70), по што следеше нова серија на ТФТ за убедлив триумф на гостите од Скопје.

Страхил Николов со 15 поени и седум скокови беше главна фигура во таборот на ТФТ, Батрик реализираше 14, а Ташовски 13 поени за победничкиот тим, додека најефикасни кај Куманово беа Глигоријевиќ со 18 и Зивчевиќ со 16 поени.

Се вчитува...