Кумановци први го зедоа скалпот на Гостивар

Екипата на Куманово го одигра својот најдобар овосезонски натпревар, совладувајќи го лидерот Гостивар со убедливи 82-70. Гостиварци допатуваа со перфектен скор на ова гостување, со надеж дека избраниците на Малинков ќе ја продолжат серијата добри игри, но налетаа на мотивиран противник кој предводен од искусните Зивчевиќ и Јанески стигна до заслужен триумф.

Гостивар ја одигра само првата четвртина во посакуваниот ритам, со подобра игра во завршницата поведувајќи со шест поени предност (17-23). Нецели сто секунди беа доволни за кумановци да направија серија од 9-2 и да го свртат резултат во своја полза, по што доминацијата на домашниот состав продолжи до крајот на четвртината, по што на одмор се замина со предност на Куманово од 45-35.

Домашните „сино-бели“ беа подобар противник и во голем дел од третата четвртина, во која Куманово целосно го диктираше темпото, па во последните десет минути влезе со удобна предност од 64-48. Гостиварци не се предадоа, постигнувајќи дури 11 поени во низа на стартот од четвртата четвртина и враќајќи ја неизвесноста во натпреварот. Куманово се разбуди во вистински момент, се врати во ритам во одбраната и на крајот заслужено стигна до победата, изразена со конечните „плус дванаесет“.

Јанески беше најефикасен во победничкиот тим со 22 поени, 18 постигна Зивчевиќ, а 16 Смит, додека најефикасен кај гостиварци беше Пипкинс, кој оствари дабл-дабл од 15 поени и 10 скокови.

Се вчитува...