Екипата на Куманово го освои третото место во македонскиот шампионат откако славеше со 2-0 во серијата од малото финале од плејофот, во која тимот на Марин Докузовски за противник го имаше Работнички. Кумановци покрај третото место, имаат за што да слават бидејќи овој пласман значи и можност тимот да аплицира за учество во АБА2 лигата за следната сезона.
По првиот триумф на гостински терен, кумановци вечерва беа подобри и во својата сала, иако играа без присуство на публика лесно го совладаа противникот со убедливи 81-62. Очигледен е големиот пад кај „центарци“ по заминувањето на Самарџиев од клупата, тимот ги играше последните натпревари далеку од својот потенцијал, губејќи денеска со убедливи 19 поени разлика.
Првата четвртина мина во израмнета борба што домашниот тим ја доби со минимални 22-21, за на одмор Куманово да замине со водство од 39-33. Избраниците на Докузовски успеаја да се одлепат во третиот период, по што во завршницата само ја задржаа убедливата предност до конечните 81-62,
Урош Луковиќ одигра одлично со дабл-дабл од 19 поени и 13 скокови, Тадиќ имаше 16 поени и 10 асистенции за Куманово, додека Робев со 16 и Ѓуроски со 12 поени беа најдобри стрелци кај Работнички во последниот натпревар за двата тима во оваа натпреварувачка сезона.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА