Куманово и Мулти Есенс го одиграа највозбудливиот натпревар од оваа рунда во ракометната Супер-лига, меч што по голема борба заврши без победник, 33-33.
Гостите од Скопје имаат за што да жалат ако се знае дека во последната минута влегоа со три гола предност, имаа и напад, но младиот тим предводен од тренерот Матлиески сепак не успеа да стигне до цел плен на овој натпревар.
Мулти Есенс имаше 30-33 и напад кога Матлиески на помалку од минута до крајот побара тајмаут. Се очекуваше рутинско приведување на мечот до крај, но младите ракометари на скопскиот клуб потклеткнаа кога беше најважно, три пати ја губеа топката на средината од теренот, па кумановци со головите на Радван, Димитров и Костов на чудесен начин се спасија од пораз.
Костов, кој го постигна голот за израмнување, со 12 погодоци беше најдобар поединец, девет гола за Куманово постигна Радван, додека кај Мулти Есенс најзабележителни беа Матевски со 10 гола и Јорданов со 14 успешни интервенции.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА
