Л’Екип: Нејмар и Мбапе – еден мора да си замине од ПСЖ

Нејмар и Килијан Мбапе функционираат беспрекорно во нападот на ПСЖ сезонава, но еден од нив ќе мора да си замине во текот на летниот преоден рок. Ова го тврди највлијателниот француски спортски весник „Л’Екип“, откако на насловната страница на денешното издание објави фотографија од двете мегаѕвезди, со наслов „Ако остане само еден“.

Според пишувањата на весникот, ПСЖ ќе добие последна опомена од страна на УЕФА за константното прекршување на финансискиот ферплеј. Ова „меѓу редови“ ќе значи продажба на една мегаѕвезда за „израмнување на трошоците и инвестициите“ во претходните неколку години, потег што ќе го принуди францускиот првак да продаде еден од двајцата најскапи светски фудбалери, кои ги купи во ист преоден рок, во август 2017 година.

Раководството на ПСЖ го демантираше овој напис, но Л’Екип повикува да се почека на дописот од УЕФА по кој ќе стане јасно дека европската куќа на фудбалот веќе нема намера да го толерира богатиот клуб. Во изминатиот период често се шпекулира со враќање на Нејмар назад во Шпанија, во Реал Мадрид или Барселона, а ПСЖ ќе мора да направи целосен ремонт на навалната линија ако се знае дека своето заминување на крајот од сезонава го најави и Единсон Кавани.

Се вчитува...