ЛА Лејкерс со катастрофален пораз го испратија славниот „Стејплс центар“ во историја (ВИДЕО)

ЛА Лејкерс на непосакуван начин го испрати славниот „Стејплс центар“ во историја со катастрофален пораз од Сан Антонио.

Лејкерс го одиграа последниот домашен натпревар во „Стејплс центарот“ пред за Божиќ култната арена да биде преименувана во „Крипто.ком“. Се збогуваа од „Стејплс центарот“ со катастрофален пораз од Сан Антонио од 110-138.

Леброн Џејмс постигна 36 поени, а Расел Вестбрук дополни со 30 поени, но тоа воопшто не беше доволно Лејкерс да го избегнат четвртиот пораз во низа со кој паднаа на скор од 16 победи и 17 порази.

Неочекувана ѕвезда во победата на Сан Антонио беше 25-годишниот Кеита Бејтс-Диоп кој во професионалната кариера има просек од 4,8 постигнати поени по натпревар а синоќа против ЛА Лејкерс запиша 30 поени без ниту едно промашување од игра!

Феникс и Голден Стејт ја продолжуваат „мртвата“ трка за најдобар ефект во лигата. Санс славеа против Оклахома со 113-101 со 30 поени на Девин Букер, додека Стеф Кари одигра втора најефикасна партија сезонава со 46 поени (8/14 за три поени) за победа на Вориорс против Мемфис од 114-103. Претходно во ноември постигна 50 поени.

Никола Јокиќ постигна 29 поени со 21 скок, но Денвер загуби на домашен терен од Шарлот со 107-115.

Се вчитува...