Лајпциг бара богатство за да го пушти Нагелсман во Баерн

Раководството на Лајпциг нема намера лесно да се откаже од услугите на Јулијан Нагелсман, кој денеска побара раскин на договорот на крајот од сезонава, за да може да се пресели на клупата на Баерн Минхен. Ставот на Лајпциг е дециден – младиот стручњак има договор до јуни 2023 година и истиот не може да биде раскинат, освен ако не се добие богата понуда од клубот што сака да го ангажира Нагелсман за нов тренер.

Весникот „Кикер“ најавува дека Лајпциг испратил и конкретна порака до Баерн – отштетата за Нагелсман чини 25 милиони евра и ниту едно евро помалку. Овој клуб нема намера да преговара, а доколку ја добие сумата што ја бара младиот 33-годишен стратег воедно ќе стане и најскап тренер за кој била платена отштета во историјата на светскиот фудбал. Баерн засега не испратил одговор, јасно е дека баварскиот гигант го има „пикирано“ Нагелсман за нов тренер, но ќе биде интересно да се види дали Румениге и Салихамиџиќ ќе успеат да издејствуваат „попуст“ на сумата што Лајпциг ја бара.

Во меѓувреме, тимот на Лајпциг би требало да го договори наследникот на младиот стручњак. Станува збор за Американецот Џес Марч, кој сезонава го води тимот на Салцбург, кој има ист генерален спонзор како и Лајпциг. Марч, кој беше помошен тренер на Лајпциг во сезоната 2018/19 мината седмица јавно говореше дека би сакал да биде прв тренер во Бундес-лигата, а по најавите за заминувањето на Нагелсман се поизвесно е дека тоа ќе се случи токму во екипата на Лајпциг.

Се вчитува...