Лампард бесен: Не се победува кога се игра со 60%

Френк Лампард беше бесен на своите фудбалери по грешниот пристап на градското дерби со Арсенал, што „сините“ го загубија со 3-1 и направија огромен чекор назад во трката по титулата. Арсенал се наоѓаше во огромна криза во пресрет на овој дуел, но успеа да го земе скалпот на „сините“, кои одиграа далеку под своите можности.

Лампард беше разочаран тврдејќи дека ги предупредил своите фудбалери на важноста на натпреварот, но дека тие не влегле максимално сериозно во дуелот со „топчиите“.

„Јас преземам одговорност за тактиката, но играчите мора да преземат одговорност за она што го одиграа на теренот. Ова беше опасен натпревар, против тим што се наоѓаше во криза, квалитетен состав што беше притиснат до ѕид и за кој се знаеше дека може да се разбуди во секој момент. Бевме свесни за опасноста, во бројни наврати ги предупредив моите играчи, но излеговме на терен, направивме наивен пенал и слободен удар и одигравме катастрофално прво полувреме. Во Премиер-лигата не се победува кога се игра со 60%, особено против ривали како Арсенал“, истакна Лампард.

Челси веќе заостанува шест бода, а има и меч повеќе во однос на Ливерпул („црвените“ вечерва го пречекуваат ВБА). Останува да се види реакцијата на тимот на Лампард по критиките од овој стручак, веќе на утрешниот домашен натпревар против Астон Вила.

Се вчитува...