Лампард денеска добива отказ, откажан тренингот на Челси

Френк Лампард денеска ќе добие отказ од менаџерската функција во Челси, по серијата слаби и разочарувачки игри на лондонскиот клуб во Премиер-лигата во последните два месеци. Весникот „Телеграф“ утрово објави дека на фудбалерите им било соопштено дека е откажан тренингот, како најава за тренерската смена на „Стемфорд бриџ“.

Лампард имаше одлична прва сезона како менаџер на Челси, успевајќи да избори место во ЛШ и покрај забраната за трансфери на лондонскиот клуб, притоа лансирајќи неколку талентирани млади фудбалери во првиот тим на „сините“. Сепак, проблемите се зголемија летово, откако Челси потроши над 300 милиони евра на нови фудбалери, а токму најскапите асови на кои инсистираше Лампард, Германците Тимо Вернер и Каи Хаверц се покажаа како најголеми промашувања.

Во управата на Челси владее страв дека клубот нема да може да се избори за место во Лигата на Шампионите, поради што е донесена одлука за разделба од Лампард. Одлуката ќе биде официјализирана во текот на денешниот ден, а главен фаворит за нов менаџер на Челси е доскорешниот стратег на ПСЖ, Германецот Томас Тухел.

Се вчитува...