Челси ќе го финишира шопингот за ова лето со ангажман на нов голман, но тоа нема да биде ниту Дин Хендерсон ниту Ник Поуп. Изборот на лондонскиот клуб паднал врз Едуард Менди, чуварот на мрежата на Рен за чиј трансфер веќе се почнати преговори и се очекува овој 28-годишен Французин најдоцна за десетина дена да пристигне на „Стемфорд бриџ“.
„Челси го бара Менди и тој веќе изрази желба да си замине од нашиот клуб. Преговорите се во тек, но се уште немаме постигнато договор за трансферот“, изјави претседателот на Рен, Николас Холвек.
Првата понуда на Челси во висина од 16 милиони евра била одбиена од францускиот клуб, кој инсистира на 30 милиони евра како отштета за својот голман. Сепак, двете страни се расположени да продолжат со преговори, со најава дека наскоро би можеле да „се сретнат на пола пат“, па да го комплетираат трансферот на околу 23 милиони евра.
Во меѓувреме, Френк Лампард доби две лоши вести во пресрет на првото премиерлигашко коло против Брајтон, меч за кој нема да може да смета на две големи летни засилувања. Хаким Зијеш се повреди на првата летна контрола и ќе мора да отсуствува уште најмалку дваесеетина дена, а покрај него дуелот со Брајтон ќе го пропушти и левиот бек Чилвел, кој се уште не е „фит“ од повредата што го мачеше кон крајот на минатата премиерлигашка сезона.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА