Лампард за разделбата со Челси: За да имате поддршка во тешките моменти ви требаат „врски“

Легендата на Челси, Френк Лампард не се прослави на тренерската позиција на „Стемфорд Бриџ“. Англичанецот кој најголемиот дел од играчката кариера ја помина во дресот на „сините“ седна на „жешкото столче“ летото 2019 година, а остана до јануари 2021 година кога по серија на лоши резултати беше заменет од Томас Тухел.

Говорејќи на подкастот „High Performance“ младиот стратег открива дека причината заминување е изгубената комуникација со неговите надредени, а истата е клучна за успех по тешки моменти.

„На крајот на времето во Челси ја изгубив комуникацијата со важни луѓе кои ми беа надредени и морав да ја одржувам истата подобро. Тоа е мојот поглед за ситуацијата бидејќи со време таа празнина станува проблем. Не беше само моја грешка бидејќи тоа е одговорност на двете страни и треба да чувствуваш поддршка во секој момент. Како поинаку можеш да го истераш планот на долга стаза? Треба да имаш поддршка во тешките моменти бидејќи тоа е реалната слика на фудбалот“, вели Ламапрд.

Сегашниот предводник на Евертон како пример ги даде Ливерпул и Манчестер Сити, односно нивната верба во Јирген Клоп и Пеп Гвардиола.

„Да не ги заборавиме раните фази на Ливерпул. Таму имаше тешки моменти. Првата година на Јирген Клоп, или пак на Пеп Гвардиола. Ништо не е перфектно, но тие имаа доверба за да ги надминат тие моменти. Некогаш довербата доаѓа од тоа што го имаш сработено. Јас во Челси немав потпора за да кажам „Го направив тоа и тоа“.

Навраќајќи се на последниот месец англискиот стратег се осврна и за падот од второто на деветтото место на табелата.

„Жалам за последниот месец во Челси бидејќи бевме на второто место на табелата пред да влеземе во лошиот период на порази и паднавме на деветто. Четири порази во ова натпреварување и ве нема. Тогаш се обидував да решам 100 проблеми во ист момент. На заминувањето си реков „Не се ставај повторно во таа позиција, Френк“. Морате да имате самодоверба во тие моменти“, вели Лампард.

Се вчитува...