Ландин го одведе Кил на фајналфор, нов европски кошмар за ПСЖ

Кил е последниот учесник на фајналфор турнирот што ќе се одржи во Ланксес Арена во Келн (заедно со Веспрем, Киелце и Барселона), откако „зебрите“ по огромна битка славеа над ПСЖ со 33-32. „Светците“ пропуштија уште една шанса да се борат за европската круна откако на патот им застана Никлас Ландин, одличниот голман кој со две одбрани во завршните две минути го чекираше билетот за Келн на својот тим.

ПСЖ извонредно го отвори натпреварот, „светците“ предводени од Ремили лесно го наоѓаа патот до мрежата на Ландин, додека на спротивната страна Раул Гонзалес одлично ја постави одбранбената зона. Тоа го принуди Јиха од раната фаза на мечот да се обиде со „седум на шест“, но ниту тоа не даде преголем резултат во играта на Кил. ПСЖ имаше најубедливи „плус три“ во раната фаза од мечот (6-3), а францускиот првак продолжи да го контролира резултатот до самиот крај на полувремето и на одмор замина со водство од 17-19.

Советите на Јиха на полувремето дефинитивно вродија со плод, па Кил на самиот старт од вториот дел го сврте резултатот во своја полза, во 36. минута за првпат успевајќи да дојде во водство (21-20). Тоа им даде дополнителна сила на домашните ракометари, кои набрзина стигнаа и до три гола предност (24-21, 25-22). Очекувано, гостите не се предадоа, успеаја да го вратат ритамот во нападот и намалија на само еден гол негатива на пет минути до крајот (31-30). Одбраната на чело со Жерар функционираше одлично, па Стеинс со одличен гол од соло-продор израмни на 31-31, на три минути до крајот.

Семејството Ландин блесна за Кил кога беше најважно, најпрвин левото крило Магнус погоди за 32-31, пред голманот Никлас Ландин да го запре ударот на Ремили за ново израмнување. Вајнхолд реализираше од место од десетина метри преку Криштопанс за водство од 33-31, но тоа не беше крај на возбудувањата. Лука Карабатиќ намали на 33-32, а Кил ја загуби топката при последниот напад поради пасивна игра, па на „светците“ им останаа неколку секунди за последна шанса за реми и пласман на Ф4. Стеинс ја презеде одговорноста и се обиде со шут од блокот, но Ландин точно знаеше што го чека, го запре ударот на холандскиот бек на ПСЖ и го одведе Кил на фајналфор турнирот во Келн.

Се вчитува...