Лапорта е бесен: Барса ќе бара преигрување на дербито со Реал Мадрид?!

Во таборот на Барселона никако не можат да го преболат синоќешниот пораз од Реал Мадрид, жалејќи се на судискиот критериум во текот на целиот меч, но пред се на недосудениот погодок во првото полувреме.

Каталонците се убедени дека топката ја минала гол-линијата пред голманот Лунин да ја врати во поле, не криејќи го разочарувањето што ВАР-судиите по прегледувањето на сите снимки решија да не досудат гол за Барса на „Сантиајго Бернабеу“. Воедно, претседателот Жоан Лапорта во денешното обраќање во јавноста најави дека Барса ја разгледува опцијата да побара од федерацијата преигрување на големото дерби поради материјален прекршок на правилата.

„Не сакам само да го пренесам незадоволството на навивачите на Барселона поради лошото користење на ВАР, туку и да нагласам дека оваа алатка, иако постои веќе извесно време, се уште предизвикува збунетост бидејќи има спротивни критериуми во зависност од тоа кои клубови играат. ВАР требаше да помогне фудбалот да добие на чесност, а гледаме како се случува спротивното. Ќе бараме целосна анализа од судиската комисија, а доколку се потврдат нашите тврдења дека требало да биде постигнат гол, ќе одиме чекор понатаму… не исклучувам да побараме и преигрување на натпреварот“, изјави Лапорта.

Синоќешниот пораз значеше и зголемување на предноста на Реал Мадрид во однос на Барселона на огромни 11 бода на шест кола до крајот.

Се вчитува...