Лапорта: Можеби се надевав дека Меси ќе предложи да игра бесплатно за Барселона

Лионел Меси летово ја напушти Барселона како слободен играч и одлучи кариерата да ја продолжи во дресот на ПСЖ. Навивачите на Барселона беа во шок кога клубот објави дека Меси нема да потпише нов договор иако се’ беше веќе договорено претходно.

Лео се согласи со условите на новиот договор пред неколку месеци, но на крајот ништо не се реализираше од тоа. Барселона не можеше да му понуди на Меси да остане во клубот поради огромни финансиски проблеми, па на крајот Аргентинецот немаше друг избор освен да се пресели во ПСЖ.

Првичните информации велеа дека Меси не може да остане ниту да игра бесплатно, но сега е јасно дека тоа не било баш точно. Претседателот на каталонскиот клуб, Жоан Лапорта, утрово даде интересна изјава за шпанските медиуми на кои им призна дека во еден момент се надевал дека самиот Меси ќе се понудил бесплатно да игра за клубот во кој се прослави.

„Не можев да побарам од Меси да игра бесплатно за Барселона, тоа не можете да го барате од играч од таков калибар. Се надевав дека можеби тој самиот ќе го предложи тоа, но ПСЖ изврши голем притисок врз него. Јасно е дека сакаше да остане, но тоа за жал не се случи“, изјави Лапорта.

Меси потпиша двегодишен договор со ПСЖ само два дена откако го потврди заминувањето од Барселона.

Се вчитува...