Ларкин уште две сезони во дресот на Ефес

Шејн Ларкин ја игра најдобрата сезона во кариерата, Ефес најмногу благодарение на него беше првопласиран во Евролигата до моментот на прекин на сезоната, па турскиот гигант неслучајно прави се што може за да го задржи Американецот во своите редови.

Според последните информации, постигнат е договор за продолжување на соработката, па Ларкин во најскоро време ќе потпише нов двогодишен договор со Ефес, за вкупна плата од 7.700.000 долари. Одличниот бек моментно заработува 2,6 милиони долари по сезона, а со новиот договор платата ќе му скокне на 3.850.000 долари годишно, со што Ларкин ќе стане трет најплатен кошаркар во Европа, зад Никола Миротиќ (5,4 милиони долари годишно) и Алексеј Швед (4 милиони долари по сезона).

Во меѓувреме, продолжуваат шпекулациите за завршницата на Евролигата. Тренерот на Ефес, Ергин Атаман, откри дека најреална опција е фајналејт-турнир, но турскиот стратег го посочи Келн како место за завршница, нешто што беше предвидено за Ф4 турнирот доколку немаше прекин на сезоната. Проблемот е во тоа што во Германија се забранети сите масовни собири до 31 август, поради што Евролигата ќе мора да бара нова локација, или пак да се реши на ист чекор како и ракометот, да то презакаже завршниот турнир за крајот на годинава.

Се вчитува...