„Лавовите“ во 91. минута не дозволија триумф на Шкупи, Струга ТЛ се извлече со Брегалница, продолжува агонијата на „пандевци“ (ВИДЕО)

Шкупи не успеа да дојде до триумф на гостувањето против Македонија ЃП во 13. коло од Првата македонска фудбалска лига, откако дозволи погодок на домашните во првата минута од судиското продолжение за конечни 1-1 во Ѓорче Петров. Нема никакви промени на врвот по 13. коло, ако се знае дека и Силекс и Шкендија ремизираа меѓу себе во Кратово, а Струга ТЛ извлече реми со Брегалница на домашен терен.

Продолжува, пак, агонијата за „пандевци“ кои загубија од Работнички, Тиквеш победи со 1-0 против Победа, а Струга ТЛ со гол од пенал на Бесарт Ибраими во 80. минута се спасуваше од пораз на домашен терен против Брегалница.

Но, Самаке со голот во 91. минута донесе бод за „лавовите“.

Возбудлив натпревар одиграа Струга ТЛ и Брегалница во Струга, во кој на крајот двете екипи ги поделија бодовите.

Струга ТЛ поведе со феноменалниот погодок на Хоган Укпа во 22. минута од средбата. Укпа од 30 метри испрати вистинска „бомба“ во мрежата на Шчекиќ.

Но, веќе во 24. минута одлична акција на гостите. Борха Кордоба убаво асистираше за Ѓорѓи Ѓорѓиев кој од десеттина метри смести во мрежата на домашните.

Во второто полувреме подобра игра на Брегалница, која дојде до предност од 1-2 со голот на Александар Ристевски во 52. минута.

Сепак, домашните дојдоа до 2-2 со голот на Бесарт Ибраими од пенал во 80. минута, откако непромислено реагираше Херера во својот шеснаесетник, па со непромислен потег им подари пенал на домашните и доби втор жолт картон за исклучување.

Тиквеш славеше со 1-0 против прилепска Победа. Кавадарчани до трите бода дојдоа со голот на Карчески уште во 37. минута од средбата.

Силекс и Шкендија ремизираа (1-1) во Кратово. Дориев во 59. минута донесе водство за Шкендија од 0-1, но веќе во 68. минута Филип Обадовиќ ги постави конечните 1-1.

Академија Пандев, пак, продолжува со очајната резултатска серија. Нов пораз за „пандевци“, овој пат и од Работнички со 0-2 на домашен терен во Струмица.

Работнички поведе со погодокот на Рушевиќ уште во 19. минута од натпреварот. За „пандевци“ дополнително беше отежната задача откако уште во првиот дел останаа и со играч помалку. Но, и покрај тоа беа подобар тим на терен во второто полувреме, при 0-1 погодувајќи две стативи и не реализираше плус уште две 100% шанси. Па следеше казна и Работнички со голот на Гандо во 74. минута дојде до триумфот од 0-2.

ПРВА ЛИГА, 13. КОЛО
Струмица: АК.ПАНДЕВ – РАБОТНИЧКИ 0-2
Рушевиќ 19′, Гандо 74′
Скопје: МАКЕДОНИЈА ЃП – ШКУПИ 1-1
Самаке 90’+1 – Адетунџи 45′
Кратово: СИЛЕКС – ШКЕНДИЈА 1-1
Обадовиќ 68′ – Дориев 59′
Струга: СТРУГА ТЛ – БРЕГАЛНИЦА 2-2
Укпа 22′, Ибраими 80′(п) – Ѓорѓиев 24′, Ристевски 52′
Кавадарци: ТИКВЕШ – ПОБЕДА 1-0
Карчески 37′
СКОПЈЕ слободен

Се вчитува...