Лазаров доби друштво: Хансен е четвртиот ракометар во „Клубот 1.000“ во Лигата на Шампионите

Микел Хансен со денешниот настап за Алборг против Целје влезе во елитно друштво, станувајќи само четврти ракометар во историјата на Лигата на Шампионите што стигнал до 1.000 погодоци во елитното европско натпреварување.

Лидер на оваа листа се уште е македонскиот великан Кире Лазаров, кому друштво до денеска му правеа само Никола Карабатиќ и Тимур Дибиров. Член на оваа избрана дружина од денеска е и Хансен, кој влезе во дуелот со Целје со 997 погодоци зад своето име, за уште во првиот дел да постигне три погодоци и да ја заокружи „илјадарката“.

Пред трансферот во Алборг, Хансен имаше постигнато 62 гола во ЛШ во дресот на ГОГ, потоа 95 како член на Барселона, 98 бранејќи ги боите на АГ Копенхаген и дури 742 како ракометар на ПСЖ.

Она што е интересно, Хансен е единствениот од оваа „голема четворка“ што се нема закитено со ниту еден трофеј во Лигата на Шампионите.

Се вчитува...