Лазаров: Не сакам да седам во канцеларија, ќе останам во ракометот и кога ќе престанам да играм

Кире Лазаров веќе три години не е дел од шпанскиот ракомет, но останува интересен за јавноста во овој дел од Европа. Македонскиот „бомбардер“ даде интервју за шпанскиот медиум „balonmanoveteranos“, кое објавува разговори со бројни врвни ракометари. Десниот бек и пред залезот на кариерата игра на највисоко ниво, во една од најсилните лиги во Европа, а една од главните тајни на неговиот успех дефинитивно е професионалниот живот.

„Многу сум професионален, посебно по 30-тата година. Го сакам ракометот и сакам што е можно подолго да играм и тоа во екипи кои нешто значат. Многу жртвува за да ја остварам оваа цел и за тоа сум многу задоволен и горд. Мислам дека може да биде добар пример како може нешто да се постигне. Морам да признаам дека ми се годи што има луѓе кои тоа го ценат, бидејќи малку луѓе ги знаат моите жртви сите овие години“ – вели Лазаров во разговорот за „balonmanoveteranos“.

Тој се осврна на делот од кариерата мината во Шпанија (Сиудад Реал, Атлетико Мадрид и Барселона), а врв дефинитивно е освојувањето на европската титула со каталонскиот гигант.

„Сон од мали нозе ми беше да играм за Барселона. Сон кој ми се оствари, исто како и сонот да ја освојам Лигата на шампионите со мојата омилена екипа. Чувствував голем притисок за да го освојам овој трофеј, но на крај успеав. Живеев многу години за таа цел, така да кога го освоив трофејот, тоа значеше посебна радост за мене. Мислам дека Барселона и Кил се двата најголеми клубови во светот на ракометот. Барса има предност, бидејќи освои повеќе европски титули. Таму минав прекрасни четири години, под палката на Паски, кој многу го ценам, добро соработувавме и среќен сум што минав еден период од мојот живот таму. Дресот на Барса тежи многу и за да го носиш потребен е карактер и квалитет. Во спротивно, лесно и брзо ќе исчезнеш од таму. Никој не те притиска, но притисокот го чувствуваш во воздухот. Затоа Барса е повеќе од клуб“ – вели македонскиот ас.

По заминувањето од Барселона, негов следен предизвик беше Нант, тим со кој исто така стигна до финалето во Лигата на шампионите.

„Француската лига е ново искуство во мојот живот. Секоја година лигата напредува и денес е натпреварување во кое е тешко да се игра. Никогаш не можеш да кажеш дека некој натпревар ќе го добиеш. Никогаш не се знае, па дури и кога играш со последниот на табелата. Лигата е многу тешка и многу физичка. Многу сум задоволен што го избрав Нант, клуб кој напредува и кој има големи амбиции за во иднина“ – истакнува Лазаров.

Тој се приближува до завршувањето на кариерата, но за Кире нема дилема, и кога ќе заврши со играње тој ќе остане во ракометот.

„Тоа јасно го одлучив и ништо не ме загрижува. Знам дека мојата професионална кариера се ближи кон крај и знам дека ќе останам во ракометот. Од пред некое време се подготвувам за моментот кога ќе заврши мојата кариера како ракометар. Секогаш барав предизвици во мојата кариера и ме прави среќен да се обидам да ги остварам. Предизвик не ми е да седам во канцеларија. Имам голема желба да бидам тренер и полека се подготвувам за тоа“ – порачува најдобриот македонски ракометар.

Се вчитува...