Лазаров: Почнуваме од нула со тотално нова генерација ракометари

Најдобриот македонски ракометар во историјата, а сега селектор на репрезентацијата, Кирил Лазаров во интервју за хрватскиот „германијак“ говореше за новиот предизвик кој го очекува во кариерата, а тоа е тренерската работа.

Тој на почетокот вели дека е сигурен дека можел да игра уште, но мисли дека е доволно…

„Секако дека можев да играм уште повеќе, но мислам дека ова е доволно. Она што најмногу ме радува е тоа што завршив на високо ниво, односно во француската лига, која е многу тешка, играјќи во еден од најдобрите француски клубови, кој играше два „фајнал-фор” турнири во последните три години. Тоа ме прави особено среќен”, почна Лазаров.

Тој додава дека иако концептот тренер-играч бил тежок и напорен успеал да ја одведе Македонија на ЕП 2022 и СП 2023, а дека сега почнуваме од нула.

„Бев тренер-играч. Двојна улога која беше многу тешка и напорна. Го направивме она што го зацртавме затоа што моравме на овој начин, знаејќи дека менувањето генерации е тежок процес. Со овој концепт се пласиравме на ЕП 2022 и СП 2023 година и со тоа ја задржавме Македонија на големите натпреварувања. Сега почнуваме од нула со тотално нова генерација. Имаме планови, но знаеме дека конкуренцијата е голема, треба да бидеме трпеливи, да работиме и да веруваме. Тргнувам по нов пат и во нова кариера. Ќе бидам 100% посветен. Веќе направивме и сменивме многу. Очекувам убави нешта во иднина”, заврши Лазаров.

Лазаров во моментов е со подмладената Македонија на Медитеранските игри каде брка медал. По првите две кола Македонија има учинок од една победа (Грција) и едно реми (Алжир).

Се вчитува...