Кире Лазаров: Разликата е една – тие ги погодија зицерите, ние ги промашивме…

ЕКИПА во Минхен,

Стеван Цаневски

Кире Лазаров потенцираше дека убедливиот пораз од Хрватска не е реално мерило за случувањата на теренот бидејќи македонските репрезентативци одиграа храбар натпревар во кој клучни беа нереализираните чисти шутеви, како во првото, така и во второто полувреме.

„Немаме од што да се срамиме, овие конечни девет разлика воопшто не се реална слика на случувањата. Одигравме модерен ракомет, имавме свои шанси, но кога против селекција како Хрватска, која се бори за медал, ќе промашите меѓу 12 и 15 шутеви од чисти позиции, тогаш навистина немате што да барате. Имаше многу борба, големо тактичко надмудрување, но на крајот разликата беше една – тие ги погодија своите зицери, ние ги промашивме нашите и затоа резултатот е во полза на Хрватска. Се обидовме да приредиме изненадување, не успеавме во тоа, но одиме понатаму, во обид да стигнеме до трета победа на овој шампионат“ – истакна Лазаров веднаш по натпреварот.

Лазаров и соиграчите утре имаат слободен ден, во обид да се консолидираат и да се подготват за клучните две средби, со Шпанија и со Исланд.

Се вчитува...