Лазаров во интервју за „Хумел“: Останувам во спортот и по завршувањето на кариерата

Кире Лазаров и покрај своите 38 години, се уште не го кажал последниот збор на ракометните терени. Дека во него има желба и енергија за нови победи и успеси потврди и викендов во настапот со францускиот Нант на Ф4 турнирот во Келн на кој собра уште еден рекорд како најдобар стрелец во историјата на завршниот турнир во Лигата на шампионите.

Во интервјуто за официјалниот сајт на „Хумел“, Лазаров потврди дека ќе остане во ракометот и по завршувањето на играчката кариера, но пред тоа има уште неколку зацртани цели.

Сакам да ги земам работите онака како што доаѓаат: ден за ден, чекор по чекор, недела за недела, година за година. Се гледам себе си во спортот. Се уште не сум одлучил што ќе правам по завршувањето на кариерата. Имам неколку идеи. Но, пред тоа размислувам за Олимписките игри. Се уште не можам да кажам ништо конкретно бидејќи се уште не сум донел конечна одлука. Сепак, речиси е сигурно дека останувам во спортот, но што конкретно, тоа ќе видиме“ – вели Кире Лазаров.

Капитенот на македонската ракометна репрезентација веќе десетина години е заштитно лице на данскиот производител на спортска опрема „Хумел“. Пред извесесно време „Хумел“ дизајнираше специјално издание на брендирани патики со името на Лазаров. Дизајнот е направен во соработка со Лазаров, а како што откриваат, инспириран е од природните убавини на Македонија.

Да се игра за својата земја и за својата репрезентација е прекрасно чувство. Играм за Македонија долги години со голема желба и страст. Тоа е чувство што не може да се опише. Тоа е нешто што не може да се купи со пари“ – вели капитенот на македонската репрезентација во интервјуто за официјалниот сајт на „Хумел“.

Се вчитува...