Леброн: Ќе ја завршам кариерата во клубот што ќе го избере син ми на драфтот

Леброн Џејмс веќе има 37 полни години, но големиот ас јасно стави до знаење дека нема намера да се пензионира се до оној момент, кога неговиот син Леброн џуниор – „Брони“ не влезе во НБА-лигата. Голема желба на суперѕвездата на ЛА Лејкерс е тој и неговиот син да одиграат една година заедно во НБА, поради што Леброн испрати јасна порака до сите клубови.

Брони има 17 години и моментно е трета година во средното училиште што го посетува. Според моментните правил на НБА, тој ќе може да се појави на драфтот во 2024, но американските медиуми најавуваат промена на регулативите за тој да може веќе во јуни 2023 да биде драфтуван. Случајно или не, токму тогаш ќе истече и актуелниот договор што Леброн Џејмс го има со ЛА Лејкерс.

„Последната година во НБА ќе ја играм заедно со мојот син. Клубот што ќе го избере Брони на драфтот, ќе ме земе и мене. Тогаш парите веќе нема да бидат никаков фактор во преговорите, така што верувам дека брзо ќе се договориме“, изјави Леброн.

Американската јавност не е премногу импресионирана од квалитетите на Леброн Џуниор, според анализите по средните училишта има стотина кошаркари со подобри квалитети од него. Сепак, кога татко ти е Леброн јасно е дека Брони речиси сигурно ќе добие шанса да заигра во НБА.

Се вчитува...