Легенда на Ливерпул: Нема логика „црвените“ да добијат титула без играње

Навивачите на Ливерпул веќе извесно време водат кампања за нивниот тим да ја добие титулата доколку сезоната во Премиер-лигата биде прекината, но „црвените“ се бесни на клупската легенда Џон Барнс, откако тој отворено се спротивстави на оваа идеја.

Барнс десет години го носеше дресот на Ливерпул (1987-1997), одигра над 300 средби за „црвените“, постигнувајќи 80 погодоци и освојувајќи осум трофеи. Тој беше дел од тимот што ја освои последната титула со Ливерпул, но сега смета дека предноста од 25 бода што „црвените“ ја имаат во однос на второпласираниот Манчестер Сити не е доволна за да им биде доделен трофејот.

„Смешно е луѓето да размислуваат за конечен епилог според моментната состојба на табелата. Многумина велат дека Ливерпул треба да ја добие титулата бидејќи има позитива од 25 бода, но за интегритетот на нашиот спорт е важно сезоната да се заврши на терен. Не треба да се донесе одлука на зелена маса, бидејќи секогаш таа ќе одговара некому, а некој ќе смета дека е оштетен. Тоа не смее да се случи, пред се поради клубовите кои се борат за опстанок. Затоа, за мене нема логика „црвените“ да станат шампиони без да ја доиграат сезоната. Фудбалот треба да продолжи кога ќе се создадат услови“, порача Барнс.

Се вчитува...