Легендарниот Педро стави крај на кариерата (ВИДЕО)

Еден од најтрофејните шпански фудбалери, Педро Елиезер Родригез Ледесма, го објави крајот на својата играчка кариера.

Во текот на кариерата, Педро освои 24 клупски трофеи, додека во дресот на шпанската репрезентација стана светски првак во 2010 година и европски првак две години подоцна.

Меѓу другото, со Барселона трипати ја освои Лигата на шампионите и петпати беше шампион на Шпанија, додека со Челси ги освои англиското првенство и Лигата на Европа. Настапуваше и за Рома и Лацио. Вкупно одигра 841 натпревар во кариерата, постигнувајќи повеќе од 200 гола.

„Чувствувам дека е време. Време е да направам чекор напред и да започнам ново поглавје во мојот живот. Заминувам горд што го живеев својот сон и благодарен на сите луѓе кои беа со мене за да го остварам. Ти благодарам, фудбале, што ме направи толку среќен“, напиша тој на социјалните мрежи.

Се вчитува...