Легендата на полскиот фудбал денес вози Убер во Бразил

Тажна е приказната за Роџер Гереиро, Бразилецот кој испиша историја на полскиот фудбал постигнувајќи го првиот гол за оваа селекција на европските шампионати, а сега во неможност да најде клуб заработува за леб работејќи како возач на Убер, компанија за превозна услуга.

Се работи за 35-годишен фудбалер кој во историјата на полскиот фудбал е запишан како прв играч кој постигнал гол за Полска на Европските првенства. На мечот против Австрија од групаната фаза на ЕП 2008, Гереиро го постигна водечкиот гол за Полска кој се чинеше дека ќе донесе и три бода, пред австриската репрезентација да се спаси со реализиран пенал во последните минути од средбата. До крајот на неговата репрезентативна кариера, Гереиро забележа 25 натпревари во националниот дрес, а постигна и четири погодоци.

По Легија, во следните четири години играше за АЕК од Грција, а потоа следуваше пад во неговата кариера. Во обид да остане во фудбалските води, Гереиро играше за бразилските нисколигаши Гарантингета, Комерциал и Рио Бранко. Одредени клубови не ги одржаа своите ветувања, фудбалерот преку суд се обидува да си ги добие ветените пари, а во меѓувреме работи како Убер возач.

„Моментално немам клуб, иако имам понуди од неколку нисколигашки бразилски тимови. Разочаран сум со бразилскиот фудбал, со некои се уште се влечам по судови. Многу ветувања, малку остварување, ќе ти ја исплатат првата и втората плата, а потоа ништо. Немам повеќе интерес за фудбал“, истакна Гереиро.

Гереиро инаку заработи полско државјанство по брза постапка. По одличните настапи за Легија, полската федерација не остана рамнодушна, па му понуди да заигра за репрезентацијата, иако во тоа време само две години беа изминати од неговиот престој во главниот град на Полска. Тој посочи дека би сакал да се врати во Европа, особено во Полска каде секогаш е добредојден.

„Бев пред извесно време во Полска со моето семејство, и бев многу убаво пречекан. Сите топло не примија, навивачите многу добро знаеја кој сум и убаво ме поздравија. Би сакал еден ден да се вратам таму и да останам ако е можно“, додаде Гереиро.

Се вчитува...