Лејно го одведе Ѓер во финалето од ЛШ

Ѓер е првиот финалист на фајналфор турнирот од Лигата на Шампионите откако во денешното полуфинале го совлада составот на Есбјерг со 32-27. Хероина на овој дуел беше поранешната голманка на Вардар, Амандин Лејно, која со неколку фантастични интервенции во второто полувреме ги откажа данските ракометарки, трасирајќи го патот на Ѓер до ново европско финале.

Есбјерг беше нешто подобар тим во првото полувреме, во кое данскиот клуб имаше и водство од три гола (4-7), што не успеа да го задржа до крајот на полувремето, па на одмор се замина со израмнети 15-15. Унгарките заиграа подобро во вториот дел, но клучната улога ја одигра Лејно. Искусната француска голманка влезе на местото на Солберг, која веќе имаше 11 интервенции и продолжи онаму каде што застана нејзината клупска колешка. Лејно почна со одбранет пенал при 24-22 за Ѓер, потоа во серија запре уште неколку удари на данските ракометарки, овозможувајќи Ѓер да поведе со „плус пет“ и рутински да го приведе полуфиналето до крај.

Офтедал со пет гола беше најефикасна во победничкиот тим, по четири постигнаа Блом и Фодор, додека Рајстад со осум погодоци беше најрасположена во таборот на Есбјерг. Лејно го заврши мечот со седум интервенции за помалку од дваесет минути на теренот, Солберг имаше 11 одбрани за Ѓер, додека голманките на Есбјерг имаа само шест успешни интервенции за 60 минути игра.

Во второто полуфинале со почеток во 18 часот ќе се сретнат Мец и Кристијанштанд.

Се вчитува...