Леонардо Бонучи ќе игра во ЛШ за германски клуб

Леонардо Бонучи конечно донесе одлука за својата иднина откако италијанскиот ветеран ја прифати понудата на Унион Берлин, тим со кој ќе има можност повторно да настапува во Лигата на Шампионите.

Дефанзивецот не го криеше разочарувањето од третманот во Јувентус откако „старата дама“ јасно му стави до знаење дека за него веќе нема место во тимот на Масимилијано Алегри. Тој уште пред петнаесетина дена преговараше со Унион Берлин, но побара дополнително време да размисли за конечна одлука. Бонучи во меѓувреме преговараше и со Фиорентина и со Лацио, но откако овие разговори не вродија со плод реши пред самиот крај на кариерата да замине од Апенинскиот полуостров и да се пресели во Германија.

Тој денеска ќе пристигне во Берлин и по деталните лекарски прегледи ќе потпише едногодишен договор со Унион, тим за кој ќе дебитира по репрезентативната пауза.

Се вчитува...