Лестер избра: Помошникот на Гвардиола ќе ги враќа „лисиците“ назад во Премиер-лигата

Енцо Мареска е изборот на раководството на Лестер за нов тренер на оваа екипа, откако „лисиците“ потпишаа тригодишен договор со 43-годишниот италијански стручњак. Лестер сезонава шокантно испадна од Премиер-лигата откако влезе во серија слаби резултати под водство на Брендан Роџерс, а од кризата не успеа да го извлече ниту Дин Смит, кој доби отказ веднаш по завршувањето на сезоната.

„Лисиците“ во меѓувреме разговараа со неколку стратези, за на крајот изборот да падне на Мареска, стручњакот кој беше дел од шампионскиот тренерски тим на Манчестер Сити под водство на Пеп Гвардиола.

„Енцо носи со себе квалитет, методичност во работата и сериозна амбициозност, сето она што нам ни е неопходно. Тој имаше богата играчка кариера, исклучителна едукација како тренер и веруваме дека целосно се вклопува во визијата за следниот чекор што Лестер треба да го преземе“, објави поранешниот англиски првак.

Јасно е дека зацртана цел за Лестер е експресно враќање назад во Премиер-лигата, но тоа нема да биде нималку лесно ако се знае дека голем дел од првотимците или си заминаа од клубот или веќе преговараат за летово да ги сменат клупските бои.

Се вчитува...