Левандовски е најдобар слободен трансфер, кои се останатите во Топ 10?

Роберт Левандовски е прворангиран на листата на најдобри слободни трансфери во историјата на светскиот фудбал, што денеска ја објави ЕСПН. Станува збор за играчи кои ги смениле клупските бои по истекот на актуелни договори, заминувајќи во нов клуб без ниту едно евро отштета.

Левандовски беше напаст за Баерн додека го носеше дресот на Борусија Дортмунд, но баварскиот гигант успеа да ја договори неговата преселба на „Алијанц Арена“ од јули 2014 година. Тој трансфер се покажа како полн погодок, Левандовски секоја сезона е најдобар стрелец на тимот и меѓу најзаслужните за бројните трофеи освоени во овие шест години.

На второто место од оваа топ-листа се наоѓа Андреа Пирло, кој го напушти Милан за Јувентус во 2011 година, па експресно се наметна како лидер на „црно-белите“. Третопласиран е „лондонскиот предавник“ Сол Кемпбел, кој во 2001 година си замина од Тотенхем за преселба кај омразениот градски ривал Арсенал.

Луис Енрике се наоѓа на четвртата позиција со трансферот од Реал Мадрид во Барселона во 1996 година, а една година претходно Роберто Баџо како слободен играч од Милан замина во Болоња, за петто место на оваа ранг-листа. Зад Баџо се наоѓа Стив Мекманаман, за преселбата од Ливерпул во Реал Мадрид во 1999 година, седмопласиран е Руд Гулит со слободниот трансфер од Сампдорија во Челси (1995 година). Осмото место му припаѓа на Хенрик Ларсон за преселбата од Селтик во Барселона, а Топ 10 трансферите ги комплетираат Џејмс Милнер (Манчестер Сити во Ливерпул, 2015 година) и Естебан Камбијасо (Реал Мадрид – Интер, 2004 година).

Се вчитува...