Лига-куп на Англија: Браво пак го спаси Сити, Арсенал и со резерви до полуфинале

Манчестер сити и Арсенал се првите два полуфиналисти во англискиот лига-куп, откако фаворитите дури и со експериментални тимови успеаја да слават на дуелите со Лестер, односно Вест хем.

Тимот на Пеп Гвардиола втора рунда по ред се пласира во следната фаза со пенал-рулет, откако вечерва по голема битка успеа да го елиминира Лестер. Мечот заврши 1-1, а во пенал-рулетот херој уште еднаш беше Клаудио Браво, кој сезонава настапува само во Лига-купот, останувајќи во целосна сенка на Едерсон.

Бернардо Силва го постигна голот за водство на Сити со кој гостите се наоѓаа на чекор до триумф. Сепак, во 95. минута судијата покажа на белата точка по стартот на Вокер (влезе во игра на местото на повредениот Мангала) врз Греј, по што Варди беше сигурен реализатор на пеналот и го одведе мечот во продолженија. Дополнителните 30 минути не донесоа нови голови, па патникот во полуфиналето беше решен со пенал-рулет. Во него подобро се снајдоа гостите, откако голманот Браво го одбрани токму ударот на Џејми Варди во четвртата серија, потоа и оној на Марез во петтата серија, за пласман на сити во следната рунда

Арсенал го совлада Вест хем со 1-0 со голот на Дени Велбек, меч на кој Арсен Венгер исто така ги одмори сите свои клучни фудбалери, но „топчиите“ сепак успеаја да го скршат отпорот на лондонскиот ривал со кого ремизираа 0-0 во рамките од Премиер-лигата пред неколку дена.

Во преостанатите две четвртфинални средби утре ќе се сретнат Бристол сити – Манчестер јунајтед и Челси – Бурнемаут.

Се вчитува...