Лихтенштајн, не треба да ни биде проблем…

Фудбалската репрезентација на Македонија го пречекува Лихтенштајн (20.45 часот) на арената „Филип Втори“ во третиот меч од Лигата на нации, натпреварување кое нуди голема шанса за условно помалите европски селекции да го реализираат својот сон, настап на Европско првенство. Момците на Игор Ангеловски гледаат историска шанса и решени се да ја грабнат судбината во свои раце. Лихтенштајн, не треба да им биде проблем, ако е само квалитетот во прашање. Но, фудбалот е некогаш сурова игра, па не смее да има опуштање, иако пред само една година во квалификациски меч во Струмица, си замина со пораз од 4-0.

„Поквалитетни сме од Лихтенштајн, уверени сме во тоа, но треба да го покажеме на теренот. Нема денеска лесен противник во фудбалот, треба да одиграме максимално сериозно и да се потрудиме најмногу што можеме. Доколку ние бидеме на вистинското ниво, тогаш треба да прокнижиме уште една победа во Лигата на нации“, вели Енис Барди, играчот за врска на Леванте.

Селекторот Игор Ангеловски има проблем со дел од репрезентативците кои се жалеа на стомачни тегоби, па за составот ќе одлучи пред самиот натпревар. Секако, ќе играат најподготвените и најспособните во овој момент.

„Очекувам едно максимално издание на нашите фудбалери. Она што како задача ќе им биде дадено да го извршат максимално. Овој дуел е многу значаен за нас. Никогаш во мојата кариера не размислувам за наредните мечеви, сега ми е најважен Лихтенштајн. Ги имаме сите потребни информации за противникот, ни следи различен меч од оној од квалификациите за СП 2018. Противникот може да одигра онолку колку што ќе дозволите. Резултатите со Лихтенштајн се едно убаво минато, ќе мора да бидеме максимални и на оваа средба“, истакнува Ангеловски.

Македонија има две победи во првите два меча од групата 4 од Лигата Д, додека Лихтенштајн досега има ефект од една победа и еден пораз.

Се вчитува...