Лингард спаси барем бод за Јунајтед против Барнли

Манчестер јунајтед едвај стигна до еден бод на дуелот на домашен терен против Барнли, откако Џеси Лингард се покажа како „златна резерва“ и му помогна на тимот на Жозе Мурињо да избегне нов пораз на „Олд трафорд“. Одлуката да стартува со Лукаку и Ибрахимовиќ заедно во почетниот тим се покажа како погрешна, па „ѓаволите“ во првото полувреме се најдоа во негатива од два гола, пред Лингард да влезе и да спаси што можеше да се спаси.

Мечот почна катастрофално за „ѓаволите“, Рохо направи почетнички прекршок, а по центаршутот на гостите Лукаку заспа во сопствениот петерец и му овозможи на Барнс од непосредна близина да го матира Де Хеа. Шокот беше уште поголем откако Дефур со еврогол зголеми на 0-2, па Мурињо беше принуден да прави промени на полувремето, изненадувачки повлекувајќи го Ибрахимовиќ по само 45 минути игра. Тоа сепак се покажа како добар потег бидејќи токму нововлезениот Лингард беше човекот на одлука, со два погодоци спречувајќи пораз на „црвените ѓаволи“ на домашен терен.

Челси во второто полувреме го скрши отпорот на Брајтон, триумфирајќи со 2-0. Откако гостите умешно одолеваа на налетите на шампионот во првите 45 минути, Мората го најде патот до нивната мрежа на самиот старт од првиот дел. Потоа на 2-0 зголеми Алонсо, за нови три бода на тимот на Антонио Конте.

Ватфорд со автоголот на голманот на Лестер, Каспер Шмајхел, стигна до триумф над поранешниот шампион од 2-1, а драматично беше на дуелот Бурнемаут – Вест хем, кој заврши 3-3, откако Арнаутовиќ им донесе предност на гостите во 89. минута, а Арнолд погоди за израмнување во првата минута од судиското продолжение.

Резултати Англија: 

Тотенхем – Саутемптон 5-2, Манчестер ј. – Барнли 2-2, Бурнемаут  – Вест хем 3-3, Челси – Брајтон 2-0, Ватфорд – Лестер 2-1, ВБА – Евертон 0-0, Хадерсфилд – Стоук 1-1.

Се вчитува...