Ливерпул без Окслејд-Чембрлен се до февруари

Јирген Клоп уште повеќе од еден месец нема да може да смета на услугите на Алекс Окслејд – Чембрлен по повредата што англискиот репрезентативец ја заработи во финалето од клупскиот мундијал против Фламенго.

Веднаш беше очигледно дека станува збор за сериозен проблем со скочниот зглоб, деталните лекарски прегледи утврдија оштетување на лигаментите, по што е препорачано целосно мирување во следните триесетина дена. Лекарите прогнозираат дека Окслејд-Чембрлен би можел да се врати на терените на почетокот од месец февруари, што значи дека Клоп во следниот период ќе мора да се снаоѓа без уште еден играч за врска, откако веќе остана без помошта на Фабињо.

Истенчениот среден ред би можел да значи шанса за Јапонецот Минамино, кој веќе од 1 јануари и официјално ќе стане нов член на актуелниот европски првак.

Ливерпул во текот на месец јануари го очекуваат две дерби средби во Премиер-лигата, најпрвин гостување на Тотенхем на 11 јануари, а осум дена подоцна и домашниот натпревар против Манчестер Јунајтед.

Се вчитува...