Ливерпул е во криза, испадна и од ФА Купот на Англија

Ливерпул долго време делуваше непобедливо на англиската фудбалска сцена, но тимот на Јирген Клоп сега нанижа два порази за само четири дена. По неуспехот во Премиер-лигата против Ватфорд, „црвените“ вечерва беа елиминирани од ФА Купот на Англија, губејќи од Челси со 2-0.

Клоп реши да експериментира со составот, промени дури седум првотимци во однос на дуелот со Норвич, настапи со двајца младинци и на крајот скапо плати за тоа. Голема грешка му беше смената на голманот, откако Адријан се посрамоти при првиот гол на Вилијан, топката што одеше директно во него сместувајќи ја во сопствената мрежа. „Црвените“ имаа свои шанси, но не успеаја да го совладаат одличниот Кепа од неколку стопроцентни ситуации во првото полувреме.

Казната стигна во второто полувреме, кога по една почетнички загубена топка на противничката половина, Барклија зеде, истрча до работ на шеснаесетникот и со силен удар го матираше Адријан. Клоп дури тогаш се разбуди, ги уфрли во игра Фирмино и Салах, но веќе беше предоцна, Челси не само што го задржа водството, туку и пропушти уште неколку стопроцентни шанси за да го „дотолчи“ противникот на оваа средба.

Лампард мора да биде горд на изданието на своите избраници, но стратегот на Челси ќе има и дополнителни главоболки ако се знае дека поради повреди овој меч предвреме го завршија Ковачиќ и Вилијан.

Се вчитува...