Ливерпул стои цврсто на ставот дека Мохамед Салах нема да си замине летово, туку ќе остане како главен играч во тимот на Јирген Клоп и за наредната сезона без оглед на мегапонудите што ги испраќа Ал Итихад за египетскиот голгетер. Клубот од Саудиска Арабија е подготвен да плати 150 милиони долари за да добие зелено светло за трансфер на Салах, кој пак би станал најплатен фудбалер во оваа лига, добивајќи повисока плата и од Роналдо и од Бензема.
„Црвените“ јасно порачаа дека не се заинтересирани за продажба на својот најдобар фудбалер, но ваквиот став на Ливерпул ги налути челниците на Ал Итихад, кои сега почнаа преговори со уште двајца фудбалери на англискиот гигант.
Станува збор за двајца дефанзивци, и тоа Ибрахим Конате и Џо Гомез, кои се наоѓаат на листата со желби на богатиот арапски клуб кој веќе почнал разговори со нивните агенти. Конате е прва опција во одбраната како партнер на Ван Дајк, Гомез важи за значаен играч во ротацијата на Јирген Клоп бидејќи добро се снаоѓа и како централен дефанзивец, но и како десен бек како резервна опција за Трент Александер Арнолд.
Останува да се види дали Ливерпул ќе одолее на овие налети или „црвените“ ќе останат без некој од тројцата фудбалери кои се желби на Ал Итихад. Преодниот рок за европските клубови истекува утре, што значи дека англискиот тим би немал време за носење на адекватни замени, но проблем претставува фактот дека клубовите од Саудиска Арабија можат да носат нови фудбалери до 20 септември, нешто на што Јирген Клоп се пожали уште пред извесно време.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА