Ливерпул го освои Велс, „самоубиство“ на Арсенал

Ливерпул ја оправда фаворитската улога на гостувањето против Кардиф, триумфирајќи со 0-2 и враќајќи се на врвот на премиерлигашката табела во пресрет на заостанатиот натпревар меѓу Манчестер Јунајтед и Манчестер Сити што ќе се игра в среда.

Фирмино, Мане и Салах сите промашија шанси во првото полувреме, но Ливерпул го скрши отпорот на велшкиот клуб во вториот дел. Вајналдум постигна прекрасен погодок по корнерот на Александер – Арнолд, а конечните 0-2 ги постави Милнер од пенал, откако Салах беше фаулиран во противничкиот шеснаесетник.

Арсенал си ги загрози шансите за место во Лигата на шампионите откако попладнево неочекувано загуби со 2-3 на домашен терен од Кристал Палас. Бентеке ги доведе гостите во водство, по што Лено со одлични интервенции пред крајот на полувремето спречи поубедлива предност на Палас. Озил погоди на стартот од вториот дел и се чинеше дека ќе дојде до пресврт, но Кристал Палас со нови два погодоци, преку Заха и МекАртур, ги закопа „топчиите“. Се што успеа тимот на Унаи Емери да стори до самиот крај беше утешниот погодок на Обамејанг.

Се вчитува...