Ливерпул сериозно размислува да го продаде Вирџил ван Дајк во текот на летниот преоден рок, со што би го комплетирал ремонтот во играчкиот кадар.
Холандскиот ас долго важеше за најдобар дефанзивец во Премиер-лигата, но сериозниот пад во формата минатата сезона, надополнет со потпросечните партии на овој мундијал придонесоа „црвените“ да го променат планот за својот капитен. Ливерпул загуби бројни фудбалери без никаква отштета во последните две години, па сега ќе настојува тоа да не биде случај и со Ван Дајк, кој во 2027 би можел како слободен играч да си замине од „Енфилд“.
Идејата е да не се бара превисока отштета (се шпекулира со сума од 10 милиони евра), но клубот со тоа би се ослободил и од високата плата што ја зема дефанзивецот, кој сега е најплатен играч во тимот по заминувањето на Мохамед Салах.
Милан будно ја следи ситуацијата, но тешко е да се поверува дека „росонерите“ ќе подготват финансиски пакет за да го доведат Ван Дајк на „Сан Сиро“. Многу пореално е негово заминување надвор од Европа, со оглед на сериозниот интерес што го покажуваат клубови од Саудиска Арабија и од американската МЛС-лига.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА
