Ливерпул ќе ја добие титулата, Лидс на Алиоски ќе биде промовиран во Премиер-лигата

Во Премиер-лигата в четврток ќе биде одржан состанок на кој ќе биде одлучено што понатаму со сезоната, но според британските медиуми шансите шампионатот да нема крај се дури 70 проценти. Засега суспендирањето на првенството поради коронавирусот е до 4. април. Но, клубовите поради загриженоста од COVID19 многу веројатно ќе одбијат да играат и по овој термин.

Според информациите, кај клубовите постои консезус околу прашањето на Ливерпул да му биде доделена титулата во случај сезоната да нема крај. Во моментов тимот на Јирген Клоп има предност од 25 бода пред најблискиот ривал, Манчестер Сити и му требаат две победи за официјална заверка на трофејот кој го чека 30 година.

Ливерпул би станал шампион, Манчестер Сити, Лестер и Челси се на позициите за пласман во Лигата на шампионите, но тоа веројатно ќе се измени со оглед на суспензијата на Сити од што ќе профитира Манчестер Јунајтед кој во моментов е на петтата позиција.

Од друга страна се чини поголем проблем би можел да биде долниот дел од табелата. Спред некои најави, пет, а не три тима ќе испаднат автоматски бидејќи нема да има плеј-оф средби. Ако бидат донесени сите овие одлуки, што ќе биде многу тешко за усогласување, Лидс на македонскиот репрезентативец Езгјан Алиоски кој во моментов ја предводи табелата во Чемпионшип, заедно со Вест Бромвич Албион, ќе добие промоција во Премиер-лигата.

Се вчитува...