Ливерпул одигра трагикомично во одбраната и заслужено загуби од Брентфорд

Ливерпул катастрофално ја стартуваше новата година, губејќи со 3-1 на гостувањето против Брентфорд, резултат со кој беше прекината серијата од четири победи на избраниците на Јирген Клоп од крајот на 2022 година во Премиер-лигата. „Црвените“ одиграа катастрофално прво полувреме, по кое само за момент се вратија во мечот, но на крајот претрпеа заслужен пораз со кој направија уште еден чекор наназад во трката за место меѓу најдобрите четири екипи во Премиер-лигата. Успехот на Брентфорд е уште поголем ако се знае дека домаќините настапија без помошта на најдобриот стрелец Ајван Тони, но и во една таква ситуација ја наполнија мрежата на Ливерпул.

Мечот почна со големото промашување на Дарвин Нуњез, откако Уругваецот го мина и голманот Раја, но наместо да ја смести топката во мрежата неговиот удар беше блокиран од дефанзивец Ме.

Брентфорд успеа да поведе со многу среќа, откако топката по еден корнер од десната страна го закачи Конате во ногата и заврши во мрежата на Алисон Бекер. При резултат 1-0 Ливерпул пропушти стопроцентна шанса преку Цимикас, но и Брентфорд беше исклучително опасен, па на домаќините им беа поништени два гола со ВАР, по корнери од истата страна од која падна и првиот гол. Конкретноста на домаќините беше наградена во самиот финиш од полувремето, кога Виса најдобро се снајде по еден центаршут и зголеми на 2-0.

Клоп реагираше на полувремето, внесувајќи ги Матип, Робертсон и Кеита на местото на Ван Дајк, Цимикас и Елиот, по што гостите веднаш ја презедоа контролата, најпрвин Нуњез даде гол што му беше поништен поради офсајд, а веднаш потоа Окслејд Чембрлен намали на 2-1 по центаршутот на Александер Арнолд. Како што одминуваше времето, така иницијативата на Ливерпул стануваше се послаба, а Брентфорд го искористи тоа за да постигне и трет гол, преку Ембумо, по големата грешка на Конате.

Се вчитува...