Ливерпул остана без архитектот на тимот на Јирген Клоп

Ливерпул на крајот на сезонава ќе остане без еден од најзаслужните за успешноста на овој клуб во изминатите години. Станува збор за спортскиот директор Мајкл Едвардс, кој по десет години како предводник на овој проект ја напушта функцијата во потрага по нов предизвик во кариерата.

Едвардс (42 години) важи за апсолутен генијалец во својата работа, човек кој успеа да го доведе Мохамед Салах за скромни 40 милиони евра, како и да ги комплетира мегатрансферите на Алисон Бекер, Вирџил ван Дајк… Воедно, тој важи за исклучително тежок преговарач кога станува збор за продажба на играч, секогаш успевајќи да извлече цена што е повисока од реалната за фудбалерите кои го напуштија „Енфилд“ во овој период.

„Ми беше привилегија да бидам дел од Ливерпул, да работам во оваа успешна ера на клубот. Уште кога дојдов реков дека ќе останам максимум десет години, сега само го потврдувам она што го реков тогаш“, изјави Едвардс.

Тој веќе ја одби понудата за преселба во Лајпциг, а според последните информации Њукасл е клубот што му нуди богатство на Едвардс за да ја преземе улогата на спортски директор под водство на новите газди од Саудиска Арабија.

Што се однесува до Ливерпул, „црвените“ нема да ангажираат нов спортски директор, туку ќе го унапредат Џулијан Ворд, кој во последните години му беше десна рака на Едвардс.

Се вчитува...