Ливерпул почнува со продажбите – четири фудбалери за најмалку 70 милиони фунти

Управата на Ливерпул му ги исполни желбите на Јирген Клоп, доведувајќи ги Тијаго Алкантара и Жота, надополнети со резервниот лев бек Цимикас од Олимпијакос. „Црвените“ завршија со шопингот, но затоа до крајот на овој преоден рок се очекува да продадат најмалку четири фудбалери, со што би заработиле минимум 70 милиони фунти од играчи на кои Клоп секако не смета сериозно за следната сезона.

Прв на излезна врата е младиот голгетер Рајан Брустер, кој во текот на денешниот ден ќе го комплетира трансферот во Шефилд Јунајтед вреден 20 милиони фунти. „Црвените“ со дополнителните клаузули би можеле да стигнат до 23,5 милиони фунти заработка од овој трансфер, а воедно договорено е Ливерпул да може во следните три години да го врати Брустер назад на „Енфилд“.

Џердан Шаќири исто така е пред заминување, откако Клоп по вчерашниот меч со Арсенал обелодени дека Швајцарецот не бил во тимот бидејќи е блиску до трансфер што не сакале да го загрозат со евентуална несакана повреда. Хари Вилсон, кој лани беше на позајмица во Борнмут, е блиску до преселба во Барнли во трансфер вреден 16 милиони фунти.

Меѓу оние чие заминување е извесно е и српскиот репрезентативец Марко Грујиќ. Ливерпул ја одби понудата на Херта за нова позајмица, во предвид доаѓа само перманентен трансфер, а понуди за Србинот во последните денови испратиле Борусија Менхенгладбах, Саутемптон и Вест Хем.

Се вчитува...