Ливерпул се искачи на врвот на Европа

Ливерпул е новиот европски првак откако „црвените“ се опоравија од ланскиот пораз во финалето во Киев од Реал Мадрид, па вечерва во Мадрид го совлада Тотенхем со 2-0, за своја шеста европска круна. За разлика од тој меч на кој трагичар беше Лорис Кариус, Ливерпул вечерва на својот гол го имаше одличниот Алисон Бекер, кој одговори на предизвикот кога беше најважно, помагајќи му на својот тим да стигне до посакуваниот трофеј.

Резултатот беше отворен веќе во втората минута, откако по само 22 секунди беше досуден пенал за Ливерпул поради играње со рака на Сисоко. Се почека околу една минута за одлуката на Скомина да биде потврдена од ВАР-собата, а откако тоа се случи Салах од белата точка го матираше Љорис за водство на „црвените“. Раното отворање на резултатот донесе и огромно тактизирање на тимот на Јирген Клоп, кој не играше во својот препознатлив ритам, но затоа добро ги затвор приодите кон сопствениот гол.

Тотенхем се закани поопасно на десетина минути до крајот, но Алисон Бекер ги одбрани ударите на Моура и на Ериксен. Конечните 2-0 ги постави Ориги, па херојот од реваншот со Барселона стави печат и на финалето, за титула на Ливерпул и прва победа на Јирген Клоп на едно финале по пауза  од седум години.

Се вчитува...