Ливерпул се спаси од бламажа – Салах со хет-трик против Лидс (видео)

Ливерпул со многу мака успеа да триумфира на стартот од новата премиерлигашка сезоа, кршејќи го во самиот финиш отпорот на Лидс за минимална победа од 4-3. Шпанецот Родриго беше трагичар на Лидс на овој меч, почетнички правејќи пенал во самата завршница над Фабињо, по што Салах со својот трет гол на мечот им ја донесе победата на „црвените“.

Избраниците на Клоп тргнаа фуриозно, во втората минута ја пропуштија првата шанса, а веднаш потоа стигнаа до водство од 1-0, со пеналот на Салах поради играњето со рака на еден гостински дефанзивец. Проблемите со одбраната на Ливерпул беа очигледни цел натпревар, а прв ги искористи Харисон, кој лесно се ослободи од Александер Арнолд пред да го матира Алисон Бекер. Домаќините повторно поведоа преку Ван Дајк, но холандскиот интернационалец се посрамоти на својата половина, кога буквално му подари на Лидс израмнувачки гол преку Бамфорд.

Салах со извонреден волеј-удар стрелаше за водство од 3-2, но Лидс покажа карактер и уште еднаш се врати, овојпат со прекрасниот погодок на Клих во второто полувреме. Тимот на Алиоски (Македонецот не влезе во игра) одлично одолеваше на налетите на „црвените“ се до 88. минута, кога Родриго со несмасна интервенција направи очигледен пенал што Салах го искористи за комплетирање на хет-трикот и победа на актуелниот првак на Англија.

Се вчитува...