Ливерпул е на добар пат конечно да стигне до титула во Премиер-лигата, прв трофеј во елитното англиско друштво по пауза од дури 30 години. Навивачите на „црвените“ неодамна стартуваа и иницијатива за Ливерпул да потпише краткорочен договор со Стивен Џерард, со што оваа клупска легенда би добила можност да го крене шампионскиот пехар, единствениот трофеј што му недостига со овој клуб.
Проблем претставува фактот што Џерард сега е менаџер на шкотскиот гигант Глазгов Ренџерс, што е само уште една причина управата на Ливерпул да има цврст став на оваа тема.
„Слушнав што бараат навивачите, но еве и јас имам едно прашање. Вие кажете ми на кој фудбалер треба да му го земеме шампионскиот медал за да му го дадеме на Џерард. Ние многу го сакаме Стиви, горди сме на него, но да не заборавиме дека тој е вработен во друг клуб, клуб на кој не смееме да му го земеме тренерот среде сезона. Замислете некој од играчите кои се тука и кои работат напорно цела сезона, да го викнеме и да му кажеме дека нема да добие медал бидејќи треба да му го дадеме на некој што ќе мине неколку дена со нас. Медалот не се дава затоа што некој е клупска легенда, туку на оние кои се дел од екипата што го освоила. Нашиот став е јасен, но дури и да сакавме, вклучувањето на Џерард во тимот е невозможно бидејќи екипата за до крајот на сезонава е регистрирана“, изјави извршниот претседател на клубот, Питер Мур.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА