ЛОИ: Аргентина се „чекираше“ во четвртфиналето

Аргентина стигна до првата победа на Олимписките игри откако во последното коло од групната фаза славеше над домаќинот Јапонија со 97-77, и го осигура своето место во четвртфиналето како најдобра третопласирана репрезентација.

Аргентинците стигнаа до двоцифрена предност веќе во првата четвртина која ја добија со 26-16, а доброто темпо продолжи и до полувреме. Меѓутоа и покрај тоа што Аргентина во еден момент имаше и +13, со подобриот финиш на првите 20. минути, Јапонија успеа да ја сведе негативата на едноцифрана (46-38).

Подобрата игра на домаќинот на Игрите продолжи и на отварањето на второто полувреме, но Јапонците не можеа да го задржат ритамот, а тоа го искористија Аргентинците кои до крајот на третата четвртина ја вратија двоцифрената предност (65-53). Во потрага по што подобра кош-разлика, Аргентина продолжи да го диктира ритамот и до крајот на натпреварот за победа со 20 разлика.

Луис Сколоа беше предводник на својата репрезентација со дабл-дабл од 23 поени и 10 скока, додека „ол-ароунд“ натпревар од 17 поени, 11 асистенции и 7 скока одигра Факундо Кампацо. Баба реализираше 18 поени и 7 скока за Јапонија, додека него го следеше Ватанабе со 17 поени и 9 скока.

Се вчитува...