ЛОИ – КОШАРКА: Батум ги „блокираше“ Дончиќ и Словенија – Франција ќе игра за злато против САД

Кошаркарите на Франција се вториот патник во финалето на Летните олимписки игри во Токио откако славеа над Словенија со 90-89 во неизвесна завршница благодарение на блокот на Николас Батум во последната секунда од мечот.

Словенија подобро го отвори натпреварот и преку Лука Дончиќ брзо стигна до позначајна предност, меѓутоа Французите добро одговорија и успеаја да ја намалат негатива на само два поени по 10. минути игра (27-29). За разлика од ефикасната прва четвртина, до крајот на полувремето двата тима постигнаа по само 15 поени па на „големиот одмор“ резултатот гласеше 42-44.

Со добрата одбрана над Дончиќ, Франција успеа да го запре нападот на Словенија на отварањето на второто полувреме. „Триколорите“ се прикажаа во одлично светло и спротивната страна на паркетот па стигнаа и до двоцифрена предност (69-59), но не успеаја и да ја задржат истата по 30. минути игра (71-65) благодарение на серијата на тројки на Словенците.

Добриот моментум на „змајчеги“ продолжи и во последната четвртина, а преку Дончиќ и Тоби успеаја во еден момент и да го изедначат резултатот (78-78). Франција преку Де Коло повторно побега на „плус“ четири, но Словенците брзо ја анулираа предноста и донесоа нов егал (85-85). Следеше неизвесна завршница која траеше буквално до последната секунда од мечот. Томоте Луваву-Кабарот со тројка донесе предност од 90-85 за Франција, Словенија преку Пепелиќ стигна до само „минус“ еден (90-89), а Словенците го имаа и последниот напад на натпреварот. Но, херојот на Франција е Николас Батум кој со блок го спречи Препелиќ да положи за финале.

Нандо де Коло ја предводеше Франција со 25 поени, 7 скока и 5 асистенции, а него го следеше Еван Фурние кој дополни 23 поени и 5 скока. Кај Словенија најрасположен беше Мајк Тоби со 23 поени и 8 скока, 17 поени додаде Препелиќ, додека Лука Дончиќ натпреварот го заврши со трипл-дабл од 16 поени, 18 асистенции и 10 скока.

Во големото финале Франција ќе се сретне со САД кој во првото полуфинале успеа да ја совлада Австралија. Овој натпревар ќе биде одигран во сабота.

Се вчитува...