ЛОИ – КОШАРКА: Франција ја совлада Италија и закажа дуел со Словенија

Селекцијата на Франција е третиот патник во полуфиналето на Летните олимписки игри во Токио откако славеше над Италија со 75-84. Французите беа подобриот протиник на денешниот меч. Веќе во третата четвртина стигнаа до двоцифрена предност, одолеаја на налетот на Италијанците во последната четвртина и сосема заслужено поминаа во следната фаза каде за противник ќе ги имаат Лука Дончиќ и Словенија.

Италија подобро го започна натпреварот и веќе по 10. минути игра имаше предност од 25-20, меѓутоа избраниците на Сакети не успеаја да го задржат моментумот и до крајот на полувремето. Франција се разбуди, одигра далеку подобро во одбраната и го превзема водството, а по 20. минути игра имаше и минимална предност (42-43).

Добрата игра на Франција продолжи и во второто полувреме. Французите блескаа во нападот и стигнаа до двоцифрена предност веќе на средината на третата четвртина (48-62). Финишот на третиот дел од натпреварот им припадна на Италијанците кои успеаја да стигнат до +10 (54-64) пред почетокот на последните десет минути, а добрата игра на „аѕурите“ продолжи и во последната четвртина.

Италија од минута во минута ја топеше предноста, а со слободните фрлања на Фоктекио успеа и да го изедначи резултатот (66-66). Сепак силите на Италијанците запреа тука. Франција ја зацврсти одбраната и до крајот на мечот дозовли само девет поени, а постигна 18 со што закажа дуел со Словенија во полуфиналето.

Фонтекио беше предводник на Италија со 23 поени, а него го следеа Галинари и Полонара со 21 поен и 10 скока, односно 15 поени и 7 скока. Руди Гоберт беше предводник на Франција со 22 поени и 9 скока, 21 поен и 3 скока додаде Фурние, додека 15 поени и 14 скока забележа Батум.

Се вчитува...