Лојалноста пред се: Ериксен останува во Брентфорд

Кристијан Ериксен е подготвен да одбие неколку побогати понуди од англиската Премиер-лига и да остане во редовите на Брентфорд и во наредната натпреварувачка сезона. Тотенхем веќе подготви понуда за да го врати Данецот назад во своите редови, интерес покажуваат и Вест Хем и Њукасл, но одличниот играч за врска сака да остане во Брентфорд, во знак на благодарност кон клубот што му даде шанса да се врати на терените нецела година по срцевиот удар што го преживеа на стадионот во Копенхаген.

Тој најави дека конечната одлука ќе ја донесе по завршувањето на сезонава, но извори блиски до данскиот интернационалец тврдат дека парите не му се приоритет во моментов, туку сака да продолжи со добри игри, нешто што му е овозможено во дресот на Брентфорд. Челниците на клубот најавија дека се подготвени веднаш да му го продолжат договорот што истекува во јуни, откако тој ги надмина очекувањата на целокупната јавност прикажувајќи серија одлични настапи за овој тим.

Ериксен настапи на осум средби за Брентфорд, одлично се снајде во тактиката на менаџерот Томас Френк, кој лично разговара со Данецот за да го убеди да остане во клубот. Кристијан Ериксен не крие дека главна цел му е максимално подготвен да го дочека СП во Катар, а Френк му гарантира место во стартниот тим и за следната сезона, нешто што не е случај со Антонио Конте во Тотенхем, со кого Данецот немаше најдобри односи додека двајцата беа во Интер.

Се вчитува...