Последниот натпревар од 11. коло во Премиерлигата во кој се сретнаа лутите лондонски ривали Тотенхем и Челси донесе суперинтересен натпревар во кој видовме два црвена картони, четири поништени голови поради офсајд и кој заврши со гостинска победа од 1-4 по хет-трикот на Џексон.
Одличниот натпревар го наговести Кулушевски со гол уште во 6. минута од натпреварот, а „петлите“ беа на прагот да стигнт и двојна предност, но голот на Сон во 14. минута беше поништен поради офсајд. Недозволена игра со рака му поништи и гол на Стерлинг во 21. минута, како и на Каиседо во 28. минута, но на голот на Колумбиецот му претходеше крвав старт на Ромеро над Енцо Фернандез за кој Аргентинецот доби црвен картон, а Челси удар од белата точка.
Палмер успешно реализираше за 1-1, по што следеше нов малер за домашниот тим. Повредите на Ван де Вен и Медисон дополнително ги ослабеа „петлите“, но Тотенхем ги преживеа налетите на Челси во првите 45. минути за 1-1.
Удоги направи голема глупост во 55. минута, а стартот над Стерлинг му донесе втор жолт картон и ново искучување за Тотенхем кој остана со девет играчи на теренот. Челси напаѓаше, но не успеа да ја затресе мрежата на Викарио се до 75. минута кога од непосредбна близина Џексон овој пат го совлада голманот.
Three away #PL wins on the spin! 💪#TotChe pic.twitter.com/LU9fv5y4Fk
— Chelsea FC (@ChelseaFC) November 6, 2023
Само две минути подоцна Даер постигна гол за 2-2, но и тој беше поништен поради офсајд, a домаќините имаа и шанса во 86. минута преку Бентанкур кој промаши тежок обид со глава. Санчез помина неприметен во поголемиот дел од натпреварот, но си ја заврши задачата во 93. минута кога го запре обидот на Сон, а Челси веќе во следниот напад ја реши дилемата за победник преку Џексон.
Младиот Сенегалец стигна и до хет-трик со нов гол во 98. минута.
Овој резултат донесе нов лидер на табелата. Тоа е Манчестер Сити кој сега има бод повеќе од Тотенхем, додека Челси стигна до 15 освоен бод и сега е на 10. место на табелата.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА